Енис Барди – петти најдобар стрелец во историјата на Леванте

Енис Барди се наметнува како еден од лидерите на Леванте, а со погодокот што го постигна на денешното гостување против Еспањол македонскиот репрезентативец се искачи на делба на петтото место на листата на најдобри стрелци во историјата на Леванте во Ла Лига.

Денешниот погодок беше вкупно 15. за Македонецот во елитното шпанско фудбалско друштво, со што тој се израмни со Аруна Коне. Успехот е уште поголем ако се знае дека Барди е фудбалер за врска, а се наоѓа во елитно друштво на голгетери, зад Моралес (34), Марти (28), Балар (18) и Рига Мустафа (17).

Првата сезона беше убедливо најуспешна за Барди, кој постигна девет погодоци, шест од нив од слободни удари. Во втората сезона во Шпанија тој постигна три гола, исто колку и досега сезонава во Ла Лига. Сепак, мора да се истакне дека трите гола на Барди оваа сезона беа постигнати на гостински терен, носејќи значајни победи на тимот на Леванте.

И покрај прекрасниот погодок што го постигна, Барди по мечот остана скромен во изјавите, потенцирајќи го тимскиот успех пред сопствената мајсторија.

„Цела екипа одигра одлично, одговоривме на предизвикот и го контролиравме темпото на натпреварот. Домаќините пред крајот притиснаа, но ние покажавме карактер и заслужено победивме“, изјави Барди по големиот триумф.

Се вчитува...