Ериксен се огласи по новата несреќа: Ви благодарам на сите

Данскиот фудбалер Кристијан Ериксен предизвика нова голема драма во спортската јавност, откако се онесвести за време на вчерашниот пријателски натпревар меѓу Данска и Украина во Одензе. Инцидентот се случи во 65-тата минута од средбата кога 34-годишниот играч на германски Волфсбург ненадејно се фати за градите и падна на тревникот.

Фудбалерите на двете репрезентации веднаш направија заштитен круг околу него, а благодарение на брзата интервенција на медицинскиот тим и вградениот дефибрилатор (ИЦД), ситуацијата брзо беше ставена под контрола. За разлика од страшните сцени од Европското првенство во 2021 година кога беше реанимиран, Ериксен овојпат многу брзо се освести, застана на нозе и сам го напушти теренот, проследен со громогласен аплауз. Поради шокот кај сите присутни, натпреварот беше официјално прекинат.

Попладнево, преку социјалните мрежи, се огласи и самиот фудбалер кој веќе е пуштен на домашна нега.

„Сакам да ве известам дека сум добро и дека сум дома со моето семејство. Како што можете да замислите, шокот од активирањето на мојот вграден дефибрилатор беше силен и за мене и за моите најблиски, но сакам да ги уверам сите дека оваа ситуација е различна од онаа во 2021 година. Се чувствувам добро и процесот на опоравување веќе започна. Многу сум благодарен за поддршката и помошта од соиграчите и медицинскиот тим на теренот, но и на лекарите кои со години се грижат за моето срце. Благодарение на нивната стручност, мојот уред направи токму она за што е наменет, ме заштити во моментот кога тоа беше најпотребно. Во овој период, мојот фокус е на закрепнување, на време поминато со семејството, одмор и играње фудбал со моите деца“, напиша Ериксен. 

Се вчитува...