Ериксен се збогуваше со „спарси“, утре доаѓа во Милано

Кристијан Ериксен од понеделник и официјално ќе стане нов член на Интер откако данскиот репрезентативец денеска се збогуваше со соиграчите од Тотенхем пред преселбата во Италија. Одличниот плејмејкер одбиваше да потпише нов договор со Тотенхем, па лондонскиот клуб беше принуден да го продаде во јануари за да не се случи тој во јули да си замине без никаква отштета.

Преговорите меѓу Интер и Тотенхем траеја долго, но на крајот беше договорена почетна сума од 18 милиони евра, плус неколку клаузули пред кои лондонскиот премиерлигаш би можел да заработи дополнителни пет милиони евра. Откако беше постигнат договор меѓу клубовите, Жозе Мурињо реши Ериксен да не патува со тимот на денешното гостување против Саутемптон. Тој се сретнал со остатокот од екипата, збогувајќи се од соиграчите бидејќи веќе утре ќе допатува во Милано, а по понеделничките лекарски прегледи и официјално ќе потпише договор со Интер.

Доаѓањето на Ериксен ќе значи и заминување на Весино, за чии услуги се интересираат неколку клубови ширум Европа, но моментно е најблиску до преселба во Евертон.

Се вчитува...