ЕРМЕНСКО ТРЕЗНЕЊЕ: Кардинални грешки за прв пораз во Лигата на нации

ЕКИПА во Ереван,

Никола Ѓуровски 

Фудбалската репрезентација на Македонија го доживеа првиот пораз во Лигата на нации, губејќи убедливо од Ерменија со 4-0 во Ереван. Кардинални грешки на одбраната на чело со Столе Димитриевски, и слаб судија кој не досуди очигледен пенал над Енис Барди, а не се одважи ниту при стартот над Александар Трајковски, беа причините за првиот пораз на македонскиот национален тим во ова натпреварување. Стрелци за Ерменците беа Маркос Пицели во 12.минута, Јура Мовсисјан во 67.минута, Геворг Газарјан во 81.минута и Хенрик Мхитарјан во 90.минута од натпреварот.

Секако, и малку поголем занос пред дуелот, дека ова е најсилната Македонија, што ја предводи најдобриот селектор во нашата историја. Сето ова си го зема данокот во Ереван, а Ерменија фрустрациите ги излечи на нашата селекција.

Битката ја загубивме на средината на теренот. Адеми, Алиоски и Спировски не одиграа на потребното ниво, а Мхитарјан беше незадржлив. Ако се додадат и неверојатните грешки на Столе Димитриевски и на Ѓоко Зајков, тоа е и повеќе од доволно за Ерменија да ни возврати и поубедливо од нашиот триумф во Скопје. За среќа, тие загубија од Гибралтар, па се уште цврсто ја држиме првата позиција на табелата во групата 4 од Лигата Д.

Ерменија подобро го почна натпреварот, првата шанса ја имаше Мовсисјан, но не ја зафати топката најдобро, а тоа беше најава и за водство. Во 12.минута, Маркос Пицели упати удар од далечина, го изненади Столе Димитриевски, кој со слаба реакција дозволи таа да заврши во мрежата. Само седум минути подоцна, стрелецот на голот посериозно се повреди и беше повлечен од игра на носилки.

Македонија се отвори по примениот гол, а во 26.минута Енис Барди, по проигрувањето од Пандев влезе во шеснаесетникот и беше класично покосен од противникот. Но, судијата Мартин Штромбергсон од Шведска не покажа на белата точка.

Во 30.минута, Хенрик Мхитарјан покажа дел од своите квалитети, шутираше од 16 метри, но овојпат Столе Димитриевски реагираше одлично.

Алиоски се закани осум минути подоцна, распали од работ на шеснаесетникот, но топката отиде над голот на Ерменија. Потоа и Стефан Ристовски шутираше со глава, но исто така над гредата. Македонија на полувреме замина со минимална негатива.

Вториот дел го отвори Дагбашјан со удар од 18 метри, а Столе Димитриевски беше на висина на задачата. Во 53.минута, нов спорен момент. Голманот Ајрапетјан стартуваше над Александар Траковски, а шведскиот судија повторно не сакаше да се огласи и да покаже на белата точка. Една минута подоцна, Ерменија можеше и до 2-0.

Хенрик Мхитарјан доби топка во шеснаесетникот, шутираше откосо од десната страна и ја погоди гредата од голот на Димитриевски.

Само две минути откако влезе во игра, Елиф Елмас беше во шанса. Доби топка од десната страна, се одлучи на удар, но директно во ерменскиот голман. Во 63.минута, Барди нафрли од слободен удар, топката одеше директно во голот, но Ајрапетјан во последен момент ја исфрли во корнер.

Потоа, нова кардинална грешка на одбраната, и 2-0 за Ерменија. Во 67.минута, погрешија Столе Димитриевски и Ѓоко Зајков, топката дојде до Мхитарјан, кој асистираше од десната страна за Мовсисјан, а тој од петерецот ја погоди мрежата.

Ангеловски ги фрли сите карти во нападот, ги внесе во игра и Илија Несторовски и Ферхан Хасани, но немаше резултатски ефект. Напротив, Ерменците постигнаа и трет погодок. Геворг Газарјан успеа да го совлада Столе Димитриевски од слободен удар од 30 метри. Беше тоа уште една слаба реакција на македонскиот чувар на мрежата.

На крајот, Елиф Елмас заработи и исклучување, откако за едно полувреме собра два жолти картони, а слободниот удар во гол го претвори Хенрик Мхитарјан. Тој шутираше под живиот ѕид од 20 метри и уште еднаш се тресеше мрежата на Македонија. За поука и за помалку зборување, а повеќе играње на теренот…

ЕРМЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 4-0 (1-0)

Стадион „Вазген Саргсјан“ во Ереван. Гледачи: 8.000. Судија: Мартин Штромбергсон (Шведска). Стрелци: Пицели 12’, Мовсисјан 67’, Газарјан 81’, Мхитарјан 90’ (Ерменија). Ж. Картони: Качатуров, Ховсепјан, Мхитарјан (Ерменија), Пандев, Ристовски, Елмас (Македонија). Црвен картон: Елмас (Македонија)

ЕРМЕНИЈА: Ајрапетјан, Хамбарџумјан, Качатуров, Харојан, Дабашјан, Ховсепјан (83’ Мкртчјан), Мхитарјан, Газарјан, Пицели (22’ Григорјан), Адамјан, Мовсисјан (73’ Барсегјан).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Муслиу, Зајков (69’ Хасани), Ристевски, Адеми, Спировски (57’ Елмас), Барди (64’ Несторовски), Алиоски, Трајковски, Пандев.

 

 

Се вчитува...