Еурофарм Пелистер го совлада Шафхаузен и си осигура „поволна-позиција“ за нокаут фазата во Лигата на Европа

Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер славеше со 27-26 на домашен терен против швајцарскиот Кадетен Шафхаузен во натпревар од 8. коло во Лигата на Европа. Избраниците на Жељко Бабиќ добија натпревар кој беше многу важен за што подобра позиција пред нокаут фазата во ова натпреварување и избегнување на првите фаворити за титулата во првата елиминациска рунда.

Мечот во арената „Боро Чурлевски“ почна во егал игра на двете страни. Во првата половина на првото полувреме се играше гол за гол и ниту една од екипите не успее да се одвои на повеќе од еден погодок.

Во 17. минута битолчани за првпат стигнаа до плус два гола (9-7) откако Никола Маркоски успешно реализираше контра напад. Следеше по еден гол на двете страни (10-8) по кои тренерот на гостите се одлучи да го повика првиот тајм-аут на натпреварот. По тајм-аутот следеше серија од два гола за Швајцарците кои повторно го израмнија резултатот на 10-10 во 22. минута. „Пелистерци“ одговорија на мини серијата на гостите, со своја серија од два гола и повторно стигнаа до плус два во 24. минута (12-10). До крајот на првото полувреме битолчани водени од голманот Секељи за првпат стигнаа и до плус три во 28. минута (14-11). До крајот на првите 30 минути двата тима дадоа по еден гол, по што Еурофарм Пелистер на пауза замина со предност од 15-12.

Гостите одлично го отворија второто полувреме и за шест минути ја анулираа предноста на Еурофарм Пелистер (17-17). Силните одбрани доминираа во продолжението на мечот, а тоа очигледно повеќе им одговараше на домаќините кои во 49. минута повторно стигнаа до највисоките плус три 22-19. Следеше нова одбрана на Кизиќ по која битолчани за прпват дојдоа и до плус четири 23-19. И кога се мислеше дека „пелистерци“ рутински ќе стигнат до триумфот, во последните шест минути тотално се изгубија во нападот, а на минута до крај гостите стигнаа на само минус еден 26-25.

Сепак, капитенот Јосип Периќ со одличен соло продор постигна гол за 27-25 кој беше доволен за конечен триумф на крајот од 27-26. Токму Периќ со седум гола беше прво име во победничкиот табор, додека Мандалиниќ и Табоада завршија со по пет. Двајцата голмани на Еурофарм Пелистер, Секели и Кизиќ заедно собраа осум одбрани. Кај поразените се истакна Зендер со пет гола.

Со овој триумф македонскиот вицешампион и дефинитивно обезбеди едно од првите две места во групата Д со кое го одбегнува првиот фаворит во натпреварувањето германски Магдебург во осминафиналето.

Се вчитува...