Ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе му гостуваат на Спортинг Лисабон во 5. коло од Лигата на Европа. По спориот старт „зелено-белите“ влегоа во одлична серија во второто по ранг натпреварување, па на гостувањето во Португалија сакаат да стигнат и до третата победа во низа со која ќе го преземат лидерското место во групата Д.
Пикерот на битолчани, Елмир Граџан вели дека како и на секој натпревар, така и на овој тие ќе одат на победа, без разлика на квалитетот со кој располага тимот од Лисабон.
„Победивме против АЕК во Грција и против Татабања во Битола, а освоиме бод и во лошиот натпревар на кој губевме седум разлика во Шафхаузен, но на крајот земавме важен бод. Ниеден натпревар не треба да го препуштиме на случајот и како секогаш досега и против Спортинг ќе одиме на победа. Тоа е добра екипа што има брз проток на топката, имаат слична одбрана како нашата и мислам дека ако се подготовиме добро, нема да имаме проблем да ја пробиеме“, вели Граџан.
Слично размислува и Немања Обрадовиќ…
„Во овој момент имаме голема самодоверба, иако на тој прв меч со Ним малку лутавме, но сепак сега ја пронајдовме нашата вистинска форма. Спортинг Лисабон е интересна екипа, но далеку од тоа дека не можеме со нив. Знаеме како против нив, домашниот терен е можеби нивна предност, но ние одиме подготвени и на победа во Лисабон. Нашата цел ќе биде да не им дозволиме да постигнуваат лесни погодоци, ако тоа го исполниме сигурно имаме шанса да освоиме еден или два бода“, вели Обрадовиќ.
Натпреварот меѓу Спортинг Лисабон и Еурофарм Пелистер е закажан за во 20.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА