Еурофарм Пелистер тргна триумфално во СЕХА-лигата

Еурофарм Пелистер триумфално ја стартуваше новата сезона во СЕХА-лигата, славејќи на премиерниот меч на домашен терен против Металопластика со резултат 30-26. Битолчани важеа за големи фаворити и неочекувано долго се мачеа против српскиот претставник, за во завршните десет минути да го скршат нивниот отпор и да стигнат до победата.

Гостите од Шабац изнендија со одлично издание во првото полувреме. Двата тима се менуваа во минимално водство, Еурофарм Пелистер прв поведе со два гола (11-9), но Металопластика подобро го заврши полувремето и благодарение на голманот Бомастар (девет интервенции во првите 30 минути) замина на одмор со водство од 12-14. Гостите го одржаа водството до 15-17, за „пелистерци“ преку Маџовски и Велковски стигнаа до израмнување во 34. минута. Металопластика последното водство го имаше во 41. минута, кога преку Бабиќ поведе со 21-22, битолчани возвратија со три гола во низа, стигнувајќи до водство што знаеја како да го задржат до самиот крај.

Периќ беше играчот кој ја презеде одговорноста во завршните десет минути, во кој битолските „фармацевти“ го скршија целосно отпорот на гостите од Шабац. На крајот, Еурофарм Пелистер заслужено славеше со конечни „плус четири“, за триумфален старт на новата сезона во елитното регионално натпреварување.

Чаневски имаше шест, а Трајковски пет одбрани на голот на македонскиот вицепрвак, додека во нападот најефикасни беа Периќ со осум, Мандалиниќ со шест и Стјепановиќ со пет погодоци.

Еурофарм Пелистер вториот натпревар од групната фаза во СЕХА ќе го игра дури на 6 февруари, на гостински терен против хрватскиот првак Загреб.

Се вчитува...