Еурофарм Пелистер во битка со Шафхаузен за да се избегне Магдебург

Ракометниот вицешампион на Македонија Еурофарм Пелистер вечерва ќе го пречека швајцарскиот Кадете Шафхаузен во натпревар од 8. коло во Лигата на Европа. Доколку „зелено-белите“ го добијат мечот против швајцарскиот претставник, тие дефинитивно ќе завршат на едно од првите три места во Д групата, што значи дека ќе го одбегнат во првата елиминациска рунда најголемиот фаворит за освојување на трофејот, германскиот Магдебург.

Во таборот на Еурофарм Пелистер се враќа капитенот Јосип Периќ, како и Радовиќ, Мараш и Ојлески. Тренерот Бабиќ на овој меч нема да може да смета на Обрадовиќ и Велковски.

Првиот натпревар одигран во Швајцарија заврши без победник (28-28), па сега од таборот на „битолчани“ размислуваат само на победа и ништо друго.

„Се подготвуваме како и вообичаено, го анализиравме противникот и видовме кои се нивните специјалности. Низ видео анализи и тренинзи ќе се обидеме да го најдеме најдоброто за нашето издание и да ја изведеме најдобрата тактичка подготовка за Кадетен. За разлика од минатата година сега малку сме во полесна резултатска позиција кога говориме за табелата, но сметам дека во спортот нема полесни позиции, туку имате една цел која не смее да варира, а тоа е победата. Без разлика дали сте први или петти, спортот ги признава само победниците, па така јас како тренер и моите играчи размислуваме на таков начин и така се подготвуваме. И покрај сите проблеми кои ги имавме во Франција, ракометарите покажаа еден неверојатен ментален интензитет. Секако, го загубивме мечот, не сум во целост задоволен и среќен поради тоа, но еден дел од мене е задоволен, бидејќи овој тим покажа вистински карактер и тоа е нешто што сигурно го краси Еурофарм Пелистер оваа година“, вели тренерот Бабиќ.

Слично размислува и бекот, Стипе Мандалиниќ…

„Знаеме каква екипа е Кадетен Шафхаузен. Игравме со нив лани, еве, сега пак ги имаме во групата. Се работи за сериозна екипа, со доста добри поединци, но ние покажавме во меѓусебните натпревари дека и ние имаме што да кажеме и дека ние не сме тим со кој ќе пројдат туку-така. Се подготвувавме добро и мислам дека имаме добра прилика да направиме чекор напред за разлика од минатата сезона, така што ни доаѓа интересен натпревар и ќе видиме кој ќе биде епилогот. За разлика од првиот натпревар, сигурно дека тимот ќе биде засилен, им се вратија играчи кои се важни за нив на чело со шпанскиот репрезентативец Жоан Кањељас кој е доста искусен и тоа се виде на Европското првенство. Тој е еден од најважните играчи. Тука е и голманот Пилиповиќ кој е доста добар. Кадетен Шафхаузен игра паметно и долго, не можам да кажам дека се здодевни, но мора да го издржиме тој специфичен ритам и таа концентрација која ја користат на дуелите“, изјави Мандалиниќ.

Натпреварот кој ќе се игра во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е закажан за во 18.45 часот.

Се вчитува...