Еурофарм Пелистер знае како се победува Татабања

Ракометниот вицешампион на Македонија, Еурофарм Пелистер вечерва ќе и гостува на Татабања во натпревар од 9. коло во Лигата на Европа. Битолчани одат на победа на гостувањето во Унгарија како би останеле во игра за првата позиција на табелата во групата Д. Двата тима по петти пат се среќаваат меѓу себе во европските натпреварувања, а „пелистерци“ ги добија последните три средби, откако беа поразени во првите два натпревари.

Тренерот на тимот од Битола, Жељко Бабиќ истакна дека неговите играчи мора да останат фокусирани и на овој натпревар, бидејќи ништо не е готово.

„Како што кажавме и претходно моите ракометари покажаа карактер, одлична тимска игра, силна дефанзива и ментална цврстина. Одигравме перфектен натпревар против Кадетен Шафхаузен и ги покажавме нашите и индивидуални и тимски вредности. Ништо не е готово, уште сè е отворено. Имаме уште две кола, а математички уште не го обезбедивме ни осминафиналето. Така да мораме да останеме фокусирани, ментално цврсти, да размислуваме секој за своите задачи и да го потврдиме тоа што нè краси – тимската игра. „Имав искуства и претходно и за жал губевме натпревари кога споредувавме што било претходно. Ова е нов натпревар. Во Битола бевме во налет, во позитивна серија и одигравме многу добро. Сега имаме доста проблеми и никој не смее да размислува во тој правец дека тоа ќе биде ист натпревар. Татабања е одличен и подвижен тим. Имаат технички добри ракометари кои играат „еден на еден“, а имаат и одличен тренер. Точно е дека немаат шанси за осминафинале, но имаа проблеми во клубот и затоа се малку подолу на табелата. Сепак, заслужуваат респект и ни следи баш европски натпревар“, изјави Бабиќ.

Слично размислува и крилото Ненад Костески…

„За разлика од претходните сезони, оваа е доста поуспешна и на добар пат сме да бидеме уште подобри: На добар пат сме, се подготвуваме, ги анализираме следните противници и во добра серија сме. Ме радува тоа што одиме во нагорна линија и имаме шанси за првото место во групата. Сега тоа прво место ни е цел. Зошто да не се обидеме, ако можеме да го обезбедиме. Се подготвуваме за Татабања, веќе ги анализираме и можам да кажам дека се работи за сериозна екипа, иако не обезбедија пласман во следната фаза на ЕХФ Лига Европа. Не смееме никако да ги потцениме, тие се екипа која трча и која има добри индивидуалци кои играат „еден на еден“. Ни останаа уште неколку дена да се подготвиме, но ве уверувам дека ќе играме на победа. Имавме корона-проблеми, ростерот ни беше скратен и некои натпревари ги одигравме со помала ротација. Се чувствува замор, но ќе заборавиме на него, еве се враќаат неколку ракометари кои ни недостигаа на претходните натпревари и ќе имаме поголем ростер за ротација против Татабања“, заклучи Костески.

Натпреварот меѓу Татабања и Еурофарм Пелистер е закажан за во 18.45 часот.

Се вчитува...