Евролига: Зенит е на една победа од четвртфинале, Баерн ја победи Барса и го „скокна“ Реал

Зенит славеше на дуелот против Макаби со 86-69, по што рускиот тим сега се наоѓа на една победа до обезбедување на пласман во четвртфиналето од Евролигата. Екипата од Санкт Петербург треба да го одигра уште заостанатиот меч на домашен терен со Панатинакос, на кој победа ќе значи скок преку Валенсија на посакуваното осмо место на табелата. Холинс беше прв стрелец на Зенит вечерва со 15 поени, пред Пангос со 13 и Томас и Блек со по 11 постигнати поени.

Анадолу Ефес загуби убедливо на гостувањето против Олимпија Милано со 98-75, резултат кој немаше никакво значење за турскиот првак, кој и во случај на победа ќе останеше на третото место во пресрт на плејофот. Шилдс со 19 и Пантер со 18 поени ги предводеа стрелците кај Милано, прв стрелец на Анадолу Ефес беше Бобуа со 15 поени. Избраниците на Еторе Месина со овој триумф си го осигураа четвртото место и предноста на домашниот терен во четвртфиналната серија, каде за ривал ќе го има Баерн Минхен.

Баварскиот гигант вечерва славеше на гостувањето против Барселона (72-82) и го прескокна Реал на петтото место на табелата. Барса секако беше прва во пресрет на четвртфиналето, па Јасикевичиус одмори дел од првотимците, не сакајќи да ризикува евентуални повреди на овој натпревар. Гасол дебитираше за Барса со девет поени на првиот меч по камбекот од НБА-лигата, а најефикасен во таборот на Баерн беше Рејнолдс со 26 поени.

Се вчитува...