Европскиот шампион ќе чека вајлд-карта за одбрана на титулата!

Актуелниот европски шампион Монпелје за настап и за одбрана на титулата во Лигата на шампионите во следната сезона, ќе треба да добие вајлд-карта од Европската ракометна федерација! Шампионот се најде во оваа необична ситуација бидејќи во Франција не ја освои шампионската титула и не избори директен пласман во ЛШ. Ова загарантирано место ќе му припадне на шампионот ПСЖ, а двата финалисти на Ф4 турнирот во Келн, Монпелје и Нант како второ и третопласирани во Франција за настап во ЛШ бараат вајлд-карта.

За настап во Лигата на шампионите во наредната сезона шпријавени се вкупно 34 тима од 23 земји, а во ЛШ има 28 места.

Според ранкингот на ЕХФ 22 екипи ( 20 национални шампиони и вицешампионите од Германија и од Шпанија) имаат загарантирано место во ЛШ. Другите 12 тима бараат од ЕХФ право за настап во ЛШ. Листата на учесниците во ЛШ ќе биде потврдена од Извршниот комитет на ЕХФ на состанокот во Глазгов на 18 јуни.

Од Македонија, за настап во ЛШ во машка конкуренција пријавени се Вардар и Металург. Вардарци како актуелни шампиони имаат загарантирано место во групната фаза, а металурзи аплицираат за настап со вајлд-карта.

Се вчитува...