Европскиот сон продолжува: Блескаво второ полувреме за голема победа против Италија

Македонската кошаркарска репрезентација стигна до првата победа во квалификациите за Евробаскет 2022 откако избраниците на Тодоров ја совладаа Италија со 87-78. Натпреварот го одбележаа две различни полувремиња во кои во првиот дел од средбата Италијанците блескаа во нападот и беа речиси непогрешливи во шутот за три поени, додека во второто Македонија ја превзема иницијативата, одигра одлично во одбраната каде „црвено-жолтите“ го исконтролираа скокот (33-30), а добриот проток на топката донесе отворени шута кон противничкиот кош. Згора на тоа, бековската линија успеа да го пробие периметарот и стигна до победа која значи останување во игра за место меѓу најдобрите во Европа.

Двата тима го отворија натпреварот со одлично напаѓачко темпо во кое подобро се снајдоа Италијанците, кои лесно се справија со агресивната одбрана на Македонија на периметарот и стигнаа до лесни поени во рекетот. Згора на тоа шутот да далечина повторно ги служеше „Азурите“ кои погодија шест од седум обиди зад линијата 6,75, а притоа преку добрата одбрана ги приморија „црвено-жолтите“ на обиди надвор од рекетот па по 10 минути игра имаа двоцифрена предност (20-30). Преку одличниот проток на топката Италијанците продолжија да стигаат до отворни шута кон нашиот кош, а продолжи и високата реализација за „сините“ па разликата постојано се зголемуваше. На крилјата на расположениот Андреј Магдевски, Македонија се одржуваше во игра, а благодарение на добрите минути на Војдан Стојановски на крајот на средбата успеавме да ја намалиме негативата на 11 поени (41-52) на полувремето.

Шутот од далечина не ги служеше Италијанците на почетокот на второто полувреме, а тоа го искористија „црвено-жолтите“ кои мотивирано влегоа во продолжението. Преку добриот проток на топката, контолирањето на скокот во одбраната и реализацијата за три поени, Македонија целосно се врати во средбата, а со поените на Димитијевиќ од половина терен со истекот на 30. минута, избраниците на Тодоров поведоа со 67-65 пред влезот во одлучувачката четвртина. Фантастичниот моментум на Македонија продолжи и во последните десет минути во кои преку добрата одбрана и изнаоѓањето на продор кон противничкиот кош, „црвено-жолтите“ стигнаа до двоцифрена предност (78-68). Италијанците се обидоа да се вратат во игра преку шутот за три поени и агресивната одбрана по целиот терен, но недоволно да ја загрозат нашата победа.

Пех за македонскиот состав ќе биде повредата на Ненад Димитијевиќ кој го повреди коленото во последната четвртина по што мораше да го пропушти финишот на натпреварот, а останува да видиме колкава е сериозноста и дали младиот бек ќе настапи на дуелот против Естонија, кој ќе биде директен меч за пласман на Европското првенство само доколку Русија денеска ги совлада Естониците во натпреварот од 16 часот.

Ненад Димитријевиќ и Андреј Магдевски беа предовници на нашиот состав со 22 поени, 7 асистенции и 5 скока, односно 20 поени, 4 скока, 4 асистенции и 4 украдени топки. Нив ги следеше Војдан Стојановски со 16 поени, 4 асистенции и 4 скока, додека како двоцифрен со 13 поени и 7 скока натпреварот го заврши Џејкоб Вајли.

Се вчитува...