Фабињо донесе триумф на Ливерпул, шок за Тотенхем

Ливерпул останува во трката за титулата во Премиер-лигата откако „црвените“ славеа со 0-1 на гостувањето против Барнли. Избраниците на Клоп не одиграа брилијантно, а доволен за три бода им беше погодокот што го постигна Фабињо во финишот од првото полувреме, по корнерот што го изведе Александер Арнолд.

Свесни дека ривалот игра максимално цврст фудбал што не им одговара премногу, гостинските играчи потоа го спуштија темпото на игра и го приведоа мечот до крај, за намалување на негативата зад Манчестер Сити на девет бода, но и натпревар помалку (оној на домашен терен против Лидс).

Тотенхем одигра уште еден слаб домашен натпревар, губејќи со 0-2 од Вулверхемптон. Пресудни беа првите дваесетина минути во кои „волците“ ги постигнаа двата гола, преку Хименез и Дендонкер, казнувајќи ги грешките на заспаната домашна одбрана на чело со голманот Љорис. Конте се обиде да реагира, уште во првото полувреме го уфрли Кулушевски на местото на Сесењон, но Вулверхемптон ги неутрализираше налетите на „спарси“ и заслужено стигна до трите бода.

Се вчитува...