Фајналфор на ЛШ: Одличниот ТиЏеј Шортс го одведе Бон во големото финале

Телеком Бон се пласираше во големото финале на Лигата на Шампионите откако во драматичен дуел успеа да слави над шпанска Уникаха со резултат , пред се благодарение на одличниот македонски репрезентативец Ти-Џеј Шортс кој одигра уште еден извонреден меч за германскиот прволигаш. Овој фајналфор турнир се игра во Малага, Уникаха имаше предност од голем број на домашни навивачи, но и тоа беше недоволно за Шпанците да стигнат до место во финалето.

Уникаха подобро го отвори мечот, во раната фаза поведе со девет поени предност, но токму Шортс го предводеше камбекот на Телеком Бон. Германците веднаш се вратија, првиот период заврши со израмнети 22-22, а потоа во втората четвртина Бон одигра одлична одбрана примајќи само девет поени (9-19), успевајќи да стигне и до двоцифрено водство. Очекувано, Уникаха не се откажа, но Шортс и соиграчите беа доволно фокусирани во последните минути за да не дозволат целосен пресврт, на крајот триумфирајќи со конечни 69-67. Шортс за малку ќе беше трагичар откако промаши две слободни фрлања при 69-67, Уникаха имаше напад за победа, но Кендрик Пери беше непрецизен во обидот за тројка, па Телеком Бон се пласираше во големото финале.

Ти-Џеј Шортс беше клучна фигура на овој натпревар со 21 поен и седум асистенции, додека најефикасен кај Уникаха беше екс-кошаркарот на Карпош Соколи, Кендрик Пери, со 12 поени и седум асистенции.

Телеком Бон во големото финале ќе се сретне со израелскиот претставник Хапоел Ерусалим предводен од екс-селекторот на Македонија, Александар Џикиќ, откако Хапоел во првото полуфинале во драматичен финиш го совлада Тенерифе со минимални 69-68.

Се вчитува...