ФАКТИ, БРОЈКИ И СТАТИСТИКА: Ренова никогаш не загубила дома, но „пандевци“ се во моментов најдобра гостинска екипа

Денеска во Тетово со натпреварот Ренова – Академија Пандев почнува 15. коло во Првата лига. Интересен натпревар кој ќе одлучи дали Ренова ќе го стигне тимот на Академија Пандев на второто место, или, пак, струмичани ќе се одлепат на втората позиција и ќе ја продолжат трката за првото место против Шкупи.

Пред нивниот меѓусебен дуел има интересни бројки и факти. Станува збор за екипи кои се во топ 3 најефикасни во досегашниот дел од првенството. Академија Пандев е најдобрата гостинска екипа, додека Ренова првиот пораз како домаќин го доживеа пред две кола против Шкендија 0:1.

  • Досега овие два тима одиграле 15 меча. Билансот е шест победи на Ренова, пет ремија и четири победи на Академија Пандев. Гол разликата е 18:14 во корист на „гипсарите“
  • На домашен терен Ренова нема пораз од Академија Пандев, со скор од три победи и три нерешени средби
  • Ниту еден меѓусебен натпревар на овие два тима не завршил без голови
  • Ренова на последните четири меча во Првата лига воопшто, има само една победа, додека Академија Пандев влегува во пресметката во подобра форма. Избраниците на Александар Васоски не се поразени на последните шест меча во Првата лига
  • Академија Пандев е најдобрата гостинска екипа во моментов. На гостински терен имаат освоено 12 бодови, со скор од три победи, три ремија и еден пораз
  • Ремзифаик Селмани од Ренова и Мартин Мирчевски од Академија Пандев сезонава заедно имаат 25 гола. Мирчевски од Академија Пандев е водечки со 15, а Селмани зад него со пет помалку
  • Ренова има пет чисти мрежи, додека Академија Пандев има шест сезонава
  • Академија Пандев дури на пет меча од вкупно седум на гостински терен сезонава ја имаат сочувано мрежата нечепната
  • Ренова само на еден меч сезонава на домашен терен не постигнала гол, додека Академија Пандев на гости дури три пати не успевала да постигне гол на противниците
  • Тетовскиот тим е најефикасен во периодот од 15 до 30 минута кога постигнала 26,1% од головите, а најнеефикасна во последните 15 минути од првиот дел, и во првите 15 минути од вториот дел кога постигнале само 8,7%. Академија Пандев, пак, е најефикасна од 45 до 60 минута, додека најнеефикасна во првите 30 минути  од средбите
  • На последните пет гостувања, Академија Пандев има примено само еден гол (од Борец пред три кола)
  • Интересно, и двата тима постигнуваат гол во просек на 41 минута
  • Ова ќе биде дуел на ефикасни екипи. Академија Пандев е втора најефикасна екипа со 24 гола, додека Ренова има 23 и е трета најефикасна екипа. Прва најефикасна е лидерот Шкупи кој има 32 гола

Се вчитува...