Фановите во Шпанија во неверување: Двајцата најреномирани судии нема да судат идната сезона

Двајцата во моментов најдобри судии Матеу Лахоз и Дел Керо Гранде, идната сезона нема да судат на лигашки натпревари. Во изминатите неколку години овие арбитри беа најдобрите во Шпанија, но сега биле известени од страна на претседателот на Техничкиот одбор на судии и поранешниот судија Луис Медина Канталјехо дека нема да продолжат како активни судии.

Се отвора можност двајцата да бидат ВАР судии, меѓутоа според првичните информации Лахоз одбил и нема намера да биде ВАР судија. Се шпекулира дека овој делител на правдата ќе се пресели во Саудиска Арабија каде ќе ја дели правдата на натпреварите таму, и ќе биде добро платен.

Оваа вест ги остави фановите во Шпанија во неверување, особено ако се има во предвид дека шпанскиот фудбал и така го тресе судиски скандал со „случајот Негреира“, според кој Барселона наводно му плаќала на поранешниот потпретседател на судиската комисија околу 8 милиони евра годишно.

Лахоз судеше повеќе од 280 натпревари во Ла Лига, и беше еден од омилените на Жозе Мурињо кога беше на клупата на Реал Мадрид. Судеше и на Светски првенства. Гранде судеше 231 меч во Ла Лига, но и тој со големо меѓународно искуство како Лахоз.

Се вчитува...