Фазлагиќ: По триумф против Украина, за дополнителен мотив пред мечот со Франција

Младата репрезентација на Македонија до 21 година денеска на тренинг центарот „Петар Милошевски” ги започна подготовките за претстојните квалификациски натпревари против Украина и Франција.

На 11. ноември, на тренинг центарот „Петар Милошевски” гостува селекцијата на Украина, пет дена подоцна на Националната арена „Тодор Проески” го пречекуваме топ фаворитот во групата, селекцијата на Франција.

Фудбалерот од средниот ред на Жилина, Енис Фазлагиќ верува дека со добра игра и пожртвуваност пред домашната публика може да се остварат позитивни резултати.

„Не очекуваат два многу тешки меча против Украина и Франција. Фокусот е максимално насочен кон првиот дуел со Украина, тежок противник кој се наоѓа во одлична форма и игра многу квалитетно во овие квалификации. Имаа одлични индивидуалци, но и колективно се многу добри. Ќе се подготвиме максимално, ќе дадеме сe од себе и се надевам дека ќе успееме да освоиме три бода од овој дуел. Одиме чекор по чекор, играме два натпревари на домашен терен, верувам дека со подршката од нашите навивачи ќе можеме да освоиме бодови и на мечот со Франција. На претходниот квалификациски циклус во октомври и мечевите со Фарски Острови и Ерменија не бев во тимот поради повреда на зглобот, но тоа е зад мене, подготвен сум да дадам се од себе за Македонија на натпреварите со Украина и Франција“ – вели Фазлагиќ.

Се вчитува...