Федерер го реши и Киргиос, повторно е број 1 во тенисот

Роџер Федерер од понеделник повторно ќе биде прворангиран светски тенисер, откако Швајцарецот триумфираше во полуфиналето од турнирот во Штутгарт против Ник Киргиос со 2-1 во сетови. Поради ланската рана елиминација од Томи Хас, овојпат на Федерер му беше доволен пласман во финалето за да го мине Рафаел Надал, кој зеде одмор по напорната сезона на земјена подлога. Швајцарецот одговори на предизвикот, извлекувајќи се од незгодна ситуација и правејќи целосен пресврт откако Австралиецот го освои првиот сет.

Федерер направи брејк на самиот почеток од вториот сет, потоа ја одржа предноста до крајот, за во израмнетиот трет сет патникот во финалето биде решен во тајбрејк. Киргиос имаше предност од 2-0 и 3-1, но Федерер се врати кога беше најзначајно и го доби тајбрејкот со 7-5, за огромна радост на неговите фанови.

Во утрешното финале тој за противник ќе го има Милош Раониќ, кој денеска беше подобар од Пуиј со 2-0 во сетови.

Се вчитува...