Федерер капитулираше пред Зверев во Монтреал

Александар Зверев е првиот тенисер што успеал да го совлада Роџер Федерер во едно финале во 2017 година, откако младиот Германец го натера големиот ривал на капитулација во мечот за трофејот на мастерс-турнирот во Монтреал. Федерер играше импресивно цела седмица, но вечерва не најде лек за расположениот германски тенисер, кој одигра беспрекорно финале и заслужено стигна до трофејот.

Федерер имаше пет победи во досегашните пет финалиња во 2017, но швајцарскиот тениски великан се мачеше против талентираниот противник. Зверев направи брејк во раната фаза од првиот сет и рутински славеше со 6-3, не дозволувајќи му на Федерер ниту една брејк-можност. Швајцарецот својата шанса ја пропушти при водство од 2-1 во вториот сет, кога имаше две брејк-шанси, но Зверев се спаси со одлични сервиси.

Нешто подоцна Германецот повторно направи брејк, што беше доволно за победа од 6-3, 6-4 и реванш за убедливиот пораз во финалето во Хале пред неполни два месеци.

Без оглед на денешниот пораз, Федерер останува во игра за искачување на првото место на АТП-листата, доколку следната седмица се закити со трофејот на Мастерс-турнирот во Синсинати.

Се вчитува...