Федерер: На ОИ ја запознав Мирка, сонувам за злато во Токио

Роџер Федерер нема да ја заврши кариерата најмалку до Олимписките Игри во Токио следното лето, со оглед на големата желба на Швајцарецот да се закити со трофејот што му недостига. Тој потврди дека планира да игра на овие ОИ, во обид да ја надополни колекцијата на медали по златото освоено во 2008 година во дубл-конкуренција.

„Олимписките Игри се нешто посебно за мене, таму ја запознав Мирка, таму за првпат се бакнавме. Бев многу разочаран пред Рио кога се повредив во 2016 година, се надевам дека здравјето ќе ме служи за следната година да настапам во Токио. Секако дека сонувам за злато. Не станува збор за притисок бидејќи знам како да се носам со тоа, но сметам дека е рано да се говори. Најважно е да бидам здрав и да влезам максимално подготвен во турнирот“ – изјави Федерер.

Швајцарската тениска легенда се запозна со Мирка Вавринец за време на Олимписките Игри во Сиднеј во 2000 година. Тие се во брак од 2009 година и имаат четири деца.

Се вчитува...