Фенер го доби трилерот со Олимпијакос, прва евролигашка победа за Асвел

Фенербахче славеше со минимални 79-77 во големото дерби против Олимпијакос, за четврта победа во низа на тимот на Итудис во Евролигата. Турскиот тим тргна фуриозно, имаше предност од 16 поени во првото полувреме, но Олимпијакос покажа карактер и предводен од Питерс успеа да се врати. Во неизвесната завршница блесна грчкиот центар Папајанис постигнувајќи ги петте клучни поени за Фенербахче, Олимпијакос на спротивната страна имаше напад за израмнување, но Вилијамс – Гос не погоди, а потоа Милутинов не изреагира најдобро иако имаше одлична можност за офанзивен скок и поени, по што времето истече и победата остана за домашниот состав.

Папајанис со 15 и Пјер со 14 поени ги предводеа стрелците во таборот на Фенербахче, додека кај Олимпијакос најдобри поединци беа Питерс со 19 и Кенан со 15 поени.

Супер-драматично беше и во Каунас, каде Жалгирис водеше 38 минути, но на крајот загуби на домашен терен од Асвел со 88-91. Ова е втор пораз во низа пред своите гледачи за литванскиот состав кој има за што да жали бидејќи имаше и напад за победа, но Еванс и Улановас промашија и Поцеко на крајот се радуваше на својата прва победа како тренер на Асвел, воопшто и прва за овој тим во Евролигата сезонава.

Луваву Кабаро беше херојот на Асвел погаѓајќи го клучниот шут на 18 секунди до крајот за водство од 88-89, овој кошаркар постигна 19 поени и беше најефикасен кај францускиот тим, додека прв стрелец на Жалгирис беше Димша со 21 поен.

Се вчитува...