Фенер го понижи Ефес во турското дерби во Евролигата

Фенербахче го растури Ефес со убедливи 84-66 во турското дерби од Евролигата, на тој начин одмаздувајќи му се на градскиот ривал за поразот во првиот круг од натпреварувањето. Ефес подобро го почна мечот, поведе со 9-17, но од тој момент па се до крајот можеше да се проследи целосна доминација на избраниците на Жељко Обрадовиќ, кои го демолираа ривалот кого пред десетина дена го совлада и во финалето од Купот на Турција.

Слукас со 17 поени беше прв стрелец на Фенербахче, два помалку постигна Калиниќ, додека Датоме реализираше 13 поени. Најефикасен во таборот на Ефес беше Моерман со 18 постигнати поени.

Армани по голема битка го совлада на гостински терен Химки со 88-90, со пресврт во последните десет минути. Рускиот состав имаше предност од осум поени по првите три четвртини, но италијанскиот првак одигра извонредно во финишот, користејќи ги промашувањата од далечина на Химки за да направи целосен пресврт.

Швед се врати на терените со 23 поени и 11 асистенции за Химки, но и промаши неколку шутеви во последната четвртина. Во победничкиот тим најефикасни беа Џејмс со 16 и Мицов со 15 постигнати поени.

Се вчитува...