Фенербахче е незапирлив, Реал ја доби битката со Ефес

Реал Мадрид славеше во вечерашното евролигашко дерби против Анадолу Ефес со резултат 92-84, оставајќи го експресно зад себе разочарувачкиот пораз од минатото коло од тимот на Будуќност. „Кралевите“ се мачеа буквално до последните минути, а пресуден беше учинокот на Серхио Љуљ во финишот од овој интересен натпреварот. Тој влезе во последната четвртина со шут за три 0/7, но потоа блесна кога беше најважно, постигна 12 поени во преостанатите 10 минути и ги предводеше „кралевите“ до триумфот.

Љуљ го заврши мечот со 19 поени, Рендолф беше најдобар поединец кај Реал со 24 поени, додека одличен натпревар за Ефес во Мадрид одигра Мициќ со 21 поен и пет асистенции.

Фенербахче уште еднаш покажа зошто е лидер на табелата, откако со извонредна игра славеше над Олимпијакос со 90-75. Ерик Грин беше расположен за шутеви од далечина, погодувајќи четири тројки од четири обиди за вкупно 17 поени, еден повеќе од Никола Калиниќ. Кај Олимпијакос најпрецизен беше Тима со 14 поени.

Макаби продолжи да се искачува на табелата откако израелскиот гигант ја забележа и четвртата победа во низа, овојпат на домашен терен против Панатинаикос со резултат 84-75. Анџело Калојаро со 20 поени беше прв стрелец  на Макаби, а интересно е што од 11-те кошаркари во ростерот на израелскиот тим, дури десетмина се запишаа меѓу стрелците при оваа победа.

Милано ја прекина сопствената црна серија од три порази со триумф над Жалгирис (78-70), со што италијанскиот тим уште повеќе ја продлабочи кризата на литванскиот првак (пет порази во последните шест кола). Мајк Џејмс постигна 18, а Мицов и Бертанс по 17 поени за победничкиот тим, додека прв стрелец на Жалгирис беше плејмејкерот Волтерс со 17 поени.

Се вчитува...