Феникс 2010 им се врати на победите во Првата кошаркарска лига откако во 18. коло го одбрани домашниот терен од Кожув славејќи со 83-79 во неизвесна завршница. Скопскиот тим беше подобриот во поголемиот дел од натпреварот, во еден момент имаше и +17, а и покрај тоа што гостите успеаја да направат целосен камбек, двата бода останаа во СЦ „Јане Сандански“.
По изедначеното отварање на натпреварот во кој двата тима го менуваа водството користејќи ги грешките на противникот иницијативата прв ја превзема Феникс 2010 кој го сопре Кожув во играта во рекетот, а преку добриот проток на топката во нападот стигна до предност од 24-18 по 10. минути игра. Скопскиот тим продолжи да го диктира темпото и до крајот на полувремето, гевгеличани немаа одговор за расположените Трајковски и Петков па на полувремето предноста на домаќините беше двоцифрена (43-33).
„Виолетово-жолтите“ продолжија таму каде што застанаа на отварањето на второто полувреме за највисоките +17 (55-38) по положувањето на Трајковски, но тука падна ритамот на избраниците на Дервишевиќ. Кожув ја превзема иницијативата, влезе во серија за три поени, имаше добар проток на топката во нападот за лесни поени па користејќи ги изгубените топки на Феникс 2010 успеа да се врати во натпреварот за 62-56 по 30. минути игра со што наговести интересен финиш. Добрата одбрана на „црвено-белите“ продолжи да биде фактор на натпреварот, а преку Гордон во нападот Кожув стигна и до предност (65-67). Неизвесниот натпревар проследен со игра „кош за кош“ продолжи до самиот крај. Пресудна беше украдената топка на Хот при резултат 79-76 на 22 секунди до крајот со што по положувањето на младиот кошаркар на Феникс 2010 домашниот тим ја осигура победата.
Со 26 поени и 12 скока лидер на Феникс 2010 беше Трајковски, 20 поени и 4 скока додаде Митревски. Со 18 поени Гордон го предводеше Кожув, додека 16 поени и 5 скока постигна Ризвиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА