Феникс 2010 со лекција за Работнички на отварањето на сезоната

Феникс 2010 со победа на гостувањето кај Работнички од 64-75 ја отвори новата сезона во македонската кошарка. „Виолетово-жолтите“ кои не можеа да сметаат на услугите на својот најзвучен играч Бојан Трајковски одиграа одличен натпревар пред се во одбраната, во поголемиот дел ја имаа предноста и сосема заслужено се радуваа на триумф.

Отварањето на натпреварот помина во игра во серии во која подобро се снајде гостинскиот состав. Добрата одбрана на Феникс 2010 го примора Работнички на тешки обиди, а избраниците на Дервишевиќ ја контролираа и скок играта па благодарение на поените од втора шанса поведоа со 15-22 по 10. минути игра. Феникс 2010 имаше шанса и за двоцифрена предност на отварањето на втората четвртина, но откако не ја искористи шансата следеше казна од Работнички. Избраниците на Мираковски успеаја да го исконтролираат скокот, најдоа решение во рекетот и ја вратија резултатската неизвесност. Работнички во еден момент поведе, но гостите до крајот одиграа подобро во одбраната и ја задржаа предноста на полувремето (37-38).

Феникс 2010 успеа да го наметне своето темпо на отварањето на второто полувреме, целосно го сопре нападот на Работнички речиси четири минути, стигнаа и до отворени обиди кои ги реализираше во нападот за двоцифрена предност (37-49). Тајм-аутот на Мираковски ги консолидираше редовите на домашниот состав кој заигра агресивно во одбраната, повторно успеа да го пробие рекетот па со своја серија од 12-0 стигна до изедначување. До крајот на третата четвртина следеше изедначена игра во подобрата одбрана на гостинскиот состав донесе предност од 54-57. Феникс 2010 продолжи да ја одржува предноста и во последната четвртина која беше во знакот на одбраната. Работнички потфрли и во реализазијата за три поени, а Петков кој го предводеше својот состав во последната четвртина со две тројки во последната минута стави точка на прашањето за победник.

Крафрод беше лидер на Работнички со 28 поени и 6 скока, 13 поени и 7 скока додаде Бакоч, додека со 12 поени, 8 скока и 6 асистенции мечот го заврши Нотиџ. 21 поен за гостите постигна Бакингхам, со 18 поени мечот го заврши Петков, 15 поени додаде Митревски, а дабл-дабл од 10 поени и 12 скока забележа Хот.

Се вчитува...