Феникс преку Чаир до победа број десет

Феникс 2010 стигна до десеттата победа во Првата лига откако во 16. коло славеше со 75-67 на домашен терен против Чаир 2030. Дебитантот беше подобриот противник во првото полувреме, но вицешампионот на Купот на Македонија одигра блескаво во првите пет минути од второто полувреме во кои негативата ја претвори во двоцифрена предност, а истата знаеше да ја задржи до крајот на натпреварот.

Користејќи ја лошата реализација на Феникс 2010 во нападот Чаир 2030 успеа да ја превземе резултатската иницијатива уште од стартот на мечот. Гостите го исконтролираа скокот, а истиот донесе лесни поени на спротивната страна па дебитантот имаше предност од 15-20 по 10. минути игра. Избраниците на Рамадан продолжија да го диктираат темпото и во втората четвртина, во еден момент стигнаа и до највисоката предност од 29-40 по серијата на тројки на Тачи, но до крајот на првото полувреме следеше одговор од „виолетово-жолтите“ кои преку Трајковски и Фалден направија серија од 8-2 за 37-42 на „големиот одмор“.

Истиот избраниците на Дервишевиќ го искористија за консолидирање на своите редови па експренос го наметнаа своето темпо. Феникс 2010 влезе во второто полувреме со перфектна реализација во речиси пет минути игра, притоа го заштити својот рекет па негативата ја претвори во двоцифрена предност (52-42). До крајот на третата четвртина Чаир успеа да одговори преку Мохамед, но поените на Американецот беа доволни само за ублажување на негативата на 60-52. Чаирчани продолжија да бркаат негатива во последната четвртина, во два наврата стигнаа до натпревар на два поседа, но домашниот тим умешно ги одби налетите на гостинот за деветта победа во сезоната.

Со 21 поен, 7 скока и 4 асистенции Трајковски го предводеше Феникс 2010, додека него го следеше Митревски со 19 поени и 4 скока. Роби дебитираше во дресот на Чаир 2030 со 27 поени и 6 скока, додека Мохамед забележа дабл-дабл учинок од 11 поени и 18 скока.

Се вчитува...