Феникс со четврта победа во низа, Пелистер е во криза (фотогалерија)

Кошаркарите на Феникс го продолжуваат бегството од дното на табелата, со ново одлично издание и победа над вицешампионот Пелистер со резултат 85-77. Ова е четврта победа во низа за тимот на тренерот Дервишевиќ, кој конечно влезе во посакуваниот ритам од почетокот на новата календарска година. На спротивната страна, почетокот на 2025 е лош за Пелистер ако се знае дека битолчани го претрпеа и четвртиот пораз на петтиот натпревар, втор под водство на новиот тренер Трајковиќ.

Феникс цел натпревар имаше контрола над резултатот, водство не беше превисоко, а „пелистерци“ само за момент успеваа да се вратат, да дојдат до еден посед разлика, но не и да го свртат резултатот во своја полза. Пелистер имаше ретко водство пред крајот на втората четвртина за 47-48 преку Крстевски, за на пауза да се замине со минимални 49-48 за Феникс.

Домаќините имаа контрола над резултатот и во второто полувреме, во последната четвртина поведоа со 74-65, но Пелистер благодарение на Стајиќ и на Бојиќ се врати и намали на само еден поен разлика. Тоа беше се што битолчани успеаја да сторат, бидејќи во завршницата влегоа во серија грешки и промашени шутеви по што Феникс заслужено го доби овој натпревар со 85-77.

Бертранд беше извонреден во победничкиот тим со 33 поени, додека Андреј Митревски постигна 15 поени за Феникс. Најефикасни во таборот на Пелистер беа Стајиќ со 19 и Стојановски со 17 поени, а треба да се напомене и дека вицешампионот на овој натпревар настапи без помошта на центарот Едвардс и искусниот плејмејкер Костоски.

 

Се вчитува...