Фернандо Љоренте стави крај на блескавата кариера

Поранешниот шпански репрезентативец Фернандо Љоренте се повлече од фудбалот на 37-годишна возраст. Љоренте, кој е без клуб од крајот на минатата сезона, ја соопшти веста за шпанските медиуми, потврдувајќи го крајот на својата 18-годишна кариера.

На прашањето дали ќе продолжи да игра фудбал, тој одговори „Не“ и најави дека наместо тоа „ќе ја одржува формата играјќи падел“. Љоренте ја започна кариерата во Атлетик Билбао, каде одигра девет сезони постигнувајќи 84 гола во 262 натпревари во Ла Лига. Потоа играше за Јувентус, а две години подоцна се врати во Шпанија во Севиља.

По една сезона се пресели во Свонси Сити, а играше и за Тотенхем, Наполи и Удинезе. Последен клуб во кој играл е Еибар. Во текот на својата кариера освои осум трофеи, вклучувајќи три титули во Серија А, две круни во Копа Италија и Лига Европа со Севиља.

Љоренте исто така беше дел од репрезентацијата на Шпанија која ги освои Светското првенство во 2010 година и Евро 2012 година, со вкупно 24 настапи за својата земја.

Се вчитува...