Ферстапен: Морав да извлечам „трик од ракавот“; Леклер: Секоја трка нека биде ваква

Формула 1 шампионатот претходната сезона го врати шармот и натпреварувачкиот дух, а истиот продолжи и во новата годината во која Ферари делува одлично и се чини дека се враќа на големата сцена.

На Големата награда на Саудиска Арабија токму Шарл Леклер беше тој кој во поголемиот дел ја имаше предноста пред Макс Ферстапен, но актуелниот шампион извозе шампионски и на три круга пред крајот успеа да го мине болидот на Ферари за голема победа.

„Беше многу тешко, но ова е една добра трка. Двајцата бевме многу брзи и тоа можевте да го видите на крајот. Имав многу подеми и падови, но и подобро темпо во завршницата. Морав да извлечам „трик од ракавот“ и среќен сум што успеа да стигнам до првата победа“, изјави по трката Ферстапен.

Задоволен од трката беше и Шарл Леклер кој вели дека уживал во неа и се надева дека овој ритам ќе продолжи до крајот на сезоната.

„Уживав во трката. Беше многу тешко, но и фер трка и се надевам дека секој останата ќе биде како оваа. Имавме различни конфигурации, ние бевме побрзи во кривините, но малку поспори на правецот. Честитки до Ферстапен“, изјави Леклер.

Возбудувањата во Формула 1 шампионатот продолжуваат со Големата награда на Австралија.

Се вчитува...