Со свој став се огласи и Фудбалската федерација на Македонија, која исто така искажа осуда за скандалозните скандирања за време на прославата на титулата на ФК Вардар по триумфот во Струга.
Оваа недолична прослава наиде на осуда и од страна на министерството за спорт. Од ФФМ најавија дека ќе отворат постапка против клубот, кој може да се соочи и со казна поради навредливото пеење. Од Федерацијата истакнуваат дека е неприфатлива потребата да се пејат вулгарни и навредливи текстови.
Соопштението на ФФМ ви го пренесуваме во целост:
„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) изразува осуда за навредливото и недолично однесување на ФК Вардар при прославата на победата и обезбедувањето на титулата шампион на Македонија.
ФФМ отсекогаш апелирала и повикувала на достоинствен начин на однесување при победите и на понизност при поразите.
Особено е неприфатлива потребата да се повикуваат навредливи содржини и да се пее вулгарни и навредливи текстови при прославувањето на победата. Ваквото однесување е недолично без разлика кон кого е насочено, без разлика дали станува збор за јавни личности, за навивачи на другиот тим, за фудбалери или за кој било друг.
Ривалитетот меѓу екипите е посакуван и здрав само кога е достоинствен и исполнет со меѓусебна почит, а секаква форма на говор на омраза, навреди и неспортско однесување нема место во фудбалот.
ФФМ, како и во претходните ситуации кога беа казнувани екипите на ФК Тиквеш, ФК Осогово, ФК Вардар и други, ќе постапува согласно своите пропозиции и дисциплинските правилници.
По овој повод, Дисциплинскиот инспектор при ФФМ веднаш ќе отвори постапка против клубот во врска со последните случувања.
Фудбалската федерација на Македонија останува посветена на промоција на фер-плејот и нема да дозволи ничие однесување да го наруши интегритетот на натпреварувањата“, велат од Фудбалската федерација на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
