ФФМ испрати допис до УЕФА со реакција за судењето на Швеѓанецот Стромбергсон во Ереван

Иако е сосема јасно дека апсолутно ништо не може да се промени околу веќе загубениот натпревар со Ерменија во Ереван во Лигата на нациите, Фудбалската федерација на Македонија испрати официјален допис до УЕФА со реакција за судењето на шведскиот судија Мартин Стромбергсон.

„Натпреварот против Ерменија одново покажа дека е тешко да се предвидат работите во денешниот фудбал. Работите во двете репрезентации беа сосема спротивни, тие имаа пораз од Гибралтар и далеку од идилична атмосфера, читавме за одредени несогласувања во тимот и низа нефудбалски работи, а ние заминавме во Ереван во одлична атмосфера, низа на резултати кои сме ги немале со А репрезентацијата и баравме потврда на првото место. Можеби се ќе се одвиваше поинаку доколку судијата, за кого поднесовме и писмо со изразено незадоволство до УЕФА, реагираше според правилата во неколку ситуации, но сега тоа е помалку важно“ – вели генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.

Во интервјуто за ФФМ, Поповски сепак дополнува дека мора и понатаму да им се верува на фудбалерите зад кои генералниот секретаријат на ФФМ цврсто и во иднина ќе застане…

„И селекторот и фудбалерите и ние како федерација отворено ги прифаќаме критиките за високиот пораз, но тоа нема да донесе нови последици. Напротив, сметам дека уште посериозно и со многу поголема енергија ќе се насочиме кон следните натпревари и повторно ќе се вратиме на победите. Ова е голема шанса за нас да се пласираме на Европско првенство и ќе се обидеме да ја искористиме. Заедништвото во селекцијата е на највисоко ниво, имаме меѓусебна доверба и одиме понатаму. Ако еден Горан Пандев вели дека тимот е фамилија, тогаш навистина сме на правиот пат. Генералниот секретаријат ќе биде секогаш со нив и во добро и во зло“ – вели Поповски.

Се вчитува...