ФФМ со поддршка за здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини оствари средба со претставник на здружението „Раст“ – здружение на родители на деца со ендокринолошки заболувања. Александар Петровски е претседател на здружението „Раст“ кое функционира како непрофитна организација, а ги претставува правата на сите деца и возрасни со нарушувања во растот, односно лица кои се на хроничната хормонска терапија за раст.

Давањето поддршка и помош во реализација на активности на здруженија од овој тип отсекогаш било важно за Фудбалската федерација на Македонија. Здружението „Раст“ преку претседателот Петровски му врачи симболична плакета на првиот човек на ФФМ во знак на благодарност за помошта при реализацијата на активностите.

„Социјалната одговорност е еден вид деловен императив за секоја сериозна институција, а Фудбалската федерација на Македонија тоа го потврдува нѐ само сега, туку и низ годините наназад. Заедно со Управниот одбор со драго срце поддржуваме вакви проекти сѐ со цел да придонесеме кон подобрување на социјалната благосостојба и начинот на живот на одредена група на луѓе.  Нашата поддршка и помош секако нема да ги реши сите потреби на здружението „Раст“ во нивната намера да им помогне на сите луѓе од Македонија кои се соочуваат со нарушувања во растот, но се надевам дека ќе биде поттик за останатите, па дури и за поголема институционална поддршка“, истакна претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

Здружението „Раст’, исто така е претседавач со Управниот одбор на интернационалната ICOSEP (International Coalition of organizations endocrine patients), а во светски рамки еден од амбасадорите на организацијата е Лионел Меси.

Од името на сите наши членови упатуваме огромна благдарност до Вас, за дадената помош при реализација на нашите активности за 2020. година. Особена чест ни представуваше денешната средба со претседателот на федерацијата, Муамед Сејдини на која беше договорено продлабочување на соработката. Искрено се надеваме  дека и понатаму ќе бидете наша поддршка во реализирање на активностите, што за нас представува големо задоволство. Благодарност од името на сите членови на здружението „Раст“, истакна Александар Петровски.

Се вчитува...