ФФМ со помош за женскиот фудбал: По 10.000 евра за сите клубови од Прва ЖМФЛ

Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука секој клуб од Првата женска лига да добие финансиска помош во висина од 10.000 илјади Евра во денарска противвредност како поддршка од „Куќа на фудбалот“ за административни потреби (закуп и оддржување на терени, тренери, подготовки и слично) на сите 11 клубови од 1 ЖМФЛ. Средствата се обезбедени од солидарниот фонд на УЕФА од женската Лига на шампиони за 2021/22.

Во насока на спроведувањето на стратегијата за развој на женскиот фудбал „Повеќе жени, повеќе голови“ на овој начин, нашата федерација со помош од УЕФА дава дополнителна поддршка и поттик за женските клубови од Првата лига да продолжат со напредокот преку оваа помош, пред сѐ во логистичка смисла. Клубовите се темел за подобри резлутати и со поголема ангажираност и сериозност во работата ќе придонесат за напредок во иднина.

Начинот на трошење на средствата кои ги добијат клубовите ќе бидат предмет на преглед и проверка од независни ревизорски куќи.

„Со континуираната помош и во финансиска и во техничка смисла (опрема, фудбалски топки, трошоци за патување…итн.), ФФМ потврдува дека на женскиот фудбал веќе одамна не се гледа како на ентузијастички придонесувач, туку и како на дел од нашиот фудбал кој развива конкретни цели и задачи. Преку напорите на ФФМ ние сакаме да ги поттикнеме клубовите пред сѐ, да бидат двигатели на идниот подем на женскиот фудбал во Македонија. Голема е помошта од УЕФА во таа смисла и важно е да покажеме дека се третира на вистинско ниво продолжувајќи во таа насока“, изјави генералниот сектретар на ФФМ, Филип Поповски.

Се вчитува...