Еден ден откако Шпанија ја победи Аргентина во финалето на Светското првенство, ФИФА потврди дека Дисциплинската комисија отворила истрага за инцидентите што се случија по крајот на натпреварот.
„По разгледувањето на сите релевантни извештаи поврзани со финалето на Светското првенство меѓу Шпанија и Аргентина, а во согласност со член 36 од Дисциплинскиот правилник на ФИФА, Дисциплинската комисија на ФИФА покрена истрага за можно кршење на Дисциплинскиот правилник во врска со инцидентите по натпреварот. Дополнителни детали ќе бидат објавени подоцна од страна на Дисциплинската комисија, откако ќе биде изготвен извештајот“, се наведува во соопштението.
Дисциплинската комисија ќе истражува три случаи за кои се зборуваше по завршувањето на финалниот натпревар, предмет на истрага ќе бидат Леандро Паредес и Нахуел Молина.
Родри и Отаменди влегоа во расправија, но тоа не доведе до физичка пресметка. Сепак, на десетина метри подалеку, ситуацијата беше поинаква многу попримитивна и помалку професионална. Дојде до кошкање во кое Гави го извлече подебелиот крај. Најпрво, Ерик Гарсија влезе во судир со Леандро Паредес, кој го нападна и го удри во пределот на вратот. Потоа Гави се вклучи во ситуацијата обидувајќи се да го заштити својот клупски соиграч Гарсија, но Паредес и Тиаго Алмада заеднички го соборија на земја, удирајќи го во лицето.
Можеби најлошото однесување дојде од помошник-тренерот на аргентинската репрезентација, човек кој, по природа на работите, би требало да ги смирува страстите. Камерите снимија како Роберто Ајала во еден момент го удри Дани Олмо во лицето, но шпанскиот фудбалер брзо се повлече и успеа да не возврати.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
