Фијаското мораше да заврши со отказ: Пиоли повеќе не е тренер на Фиорентина

Стефано Пиоли од денеска повеќе не е тренер на Фиорентина откако искусниот стратег доби очекуван отказ по катастрофалниот старт на сезоната. „Виолетовите“ го ангажираа Пиоли со надеж дека ќе се вмешаат во борбата за место во ЛШ, но наместо тоа им се случи фијаско – Фиорентина во првите десет кола нема ниту една победа, па по вчерашниот трумф на Џенова тимот од Фиренца сега падна на последното место на табелата со само четири освоени бода.

Преговорите околу прекинот на соработката почнаа веднаш по неделниот домашен пораз од Лече, Пиоли јасно стави до знаење дека нема намера самиот да си поднесе оставка откако летово потпиша тригодишен договор, по што управата на крајот реши да му врачи отказ.

„Можеме да потврдиме дека Стефано Пиоли е разрешен од функцијата шеф на стручниот штаб на првата екипа. Му благодариме на него и на неговиот стручен штаб за професинализмот покажан во изминатиот период. Даниеле Галопа привремено ќе работи со екипата, почнувајќи од попладневниот тренинг“, се вели во соопштението на Фиорентина.

Во игра за наследник на Пиоли се неколку италијански тренерски имиња, но за фаворит во оваа трка се смета поранешниот стратег на Парма, Роберто Д’Аверса.

Се вчитува...