Филип Панчевски е победник на шаховскиот турнир „Алкалоид 2018“

Еден од најдобрите македонски шахисти и член на ШК „Алкалоид“, Филип Панчевски (2538) е победник на интернационалниот шаховски турнир во забрзан шах, „Алкалоид 2018“ кој викендов се одржа во хотелот „Континентал“ во Скопје.

Во девет одиграни кола Панчевски запиша извонреден резултат од седум победи и две ремија (осум поени), без пораз освојувајќи го првото место пред српскиот велемајстор Борко Лајтхајм (2463) а на третото место заврши уште еден шахист на Алкалоид, репрезентативецот ИМ Дејан Стојановски. Лајтхајм и Стојановски освоија по седум поени.

Во женска конкуренција најдобри беа ЖФМ Моника Стојковска (2046) која заврши на 29. место во генералниот пласман, како и ЖИМ Габриела Коскоска (2035) со по 6 освоени поени.

На турнирот настапија вкупно 187 шахисти меѓу кои 9 велемајстори и 10 интермајстори. Вкупниот награден фонд изнесуваше 130.000 денари.

Се вчитува...