Филип Талески: Прокоцкавме една шанса, но судбината се уште е во наши раце

Машката ракометна репрезентација на Македонија испушти победа на гостувањето во Украина (27-27) и не ја искористи првата меч топка за пласман на ЕП 2018 во Хрватска. Време за жалење по загубеното нема многу, затоа што веќе в недела македонската репрезентација ја очекува решавачкиот последен натпревар со Чешка во Скопје. Ракометарите рано утрово се вратија од Украина и веќе од денеска мислите се насочени кон она што ги очекува за два дена.

Ја прокоцкавме шансата што ја имавме предвреме да го обезбедиме пласманот на Европското првенство. Но, не залудно велат Македонецот секогаш оди по потешкиот пат. Игравме феноменално во првиот дел, но ете, неколку промашени шутеви на крај не чинеа победа. Можеби бевме и малку уморни во тие моменти на крај кога се кроеше резултатот и заврши како што заврши“ – сумира македонскиот бек Филип Талески по вчерашниот натпревар против Украина во Суми.

Ако е за утеха, Македонија е првата репрезентација од изедначената група 4 што во овие квалификации успеа да освои бод на гостински терен. Ремито од Суми не ни го обезбедува пласманот на ЕП во Хрватска, но македонската репрезентација ја става во ситуација сама да решава за својата судбина.

„В недела имаме втора шанса да се избориме за победа против Чешка и да ја завршиме работата како што треба. Играме на домашен терен што ни дава блага предност, но мора да се бориме сите 60 минути и да ја израдуваме нашата публика. Овие два дена имаме време да ги корегираме грешките и подготвени да го дочекаме натпреварот. Се останува во наши раце. Сами си ја кроиме судбината. Со победа сме први во групата и обезбедуваме пласман на ЕП во Хрватска. Верувам дека сите ќе изгинеме на терен и ќе се радуваме заедно со нашата публика. Влогот е голем, за нас е важно да го задржиме континуитетот во настапите на големите натпреварувања. А и Хрватска е блиску и ова Европско првенство е голема шанса за нас и за нашите навивачи“ – истакнува Телески.

Натпреварот Македонија – Чешка ќе се одигра в недела (20.45 ч.) во ВИП Арена „Борис Трајковски“ во Скопје.

Се вчитува...