Талески: Добро е што е Минхен, ќе има многу Македонци на трибините

Машката ракометна репрезентација на Македонија на СП 2019 на кое домаќини во јануари ќе бидат Германија и Данска, ќе игра во групата во Минхен заедно со Шпанија, Хрватска, Исланд, Јапонија и со Бахреин. „Минхенската група“ беше посакувана опција, а добро познатите противници, посебно оние од европскиот дел, носат предизвик и дополнителна мотивација за ракометарите.

Првите реакции по ждрепката во Копенхаген, се дека добивме „интересна“ група во која ќе има тешки дуели, но и отворена шанса и мотив за македонската репрезентација да брка историски успех. Според, македоснкиот репрезентативен бек кој го носи дресот на германскиот рајн Некар Левен, Филип Талески, Минхен ќе биде исполнет со македонската фаланга, а балканското дерби со Хравтска носи посебна мотивација.

Интересна група и според мене, потешка од сите што сме ги имале досега на светските првенства. Јапонија со Дагур Сигурдсон на клупата, оди напред, Шпанија е европски шампион, а Хрватска и Исланд никако не се репрезентации што може да се потценат. Сите ќе имаат амбиции да ја поминат првата фаза. Уште повеќе затоа што ова СП е квалифиакциско за Олимпијадата во Токио. Мора да одиграме максимално во секој дуел“ – истакнува Талески.

Со исклучок на не-европските Јапонија и Бахреин, другите три репрезентации во групата се добро познати противници за македонските ракометари.

„Горе-долу се занеме со сите многу добро. Со Хрватска и со Исланд често сме заедно на големите натпреварувања. Добро ја познаваме и Шпанија од последните два настапи, на СП во Франција и на ЕП во Хрватска. Во дуелот со Хрватска ќе бидеме посебно мотивирани. Тоа ќе биде вистинско балканско дерби против нашиот поранешен селектор… Убеден сум дека Раул, како и досега ќе подготви добра тактика, а ние ќе треба само тоа да го спроведеме на терен. Верувам дека ќе имаме добар настап и дека ќе се бориме за поголем успех и за историски пласман. Време е да го оставриме тоа“ – оптимистички најави Филип Талески.

За ракометарот на Рајн Некар Левен, Минхен е најдобрата дестинација за македонската репрезентација од сите четири групи во првата фаза од СП (Минхен, Берлин, Копенхаген, Хернинг) бидејќи македонските навивачи ќе бидат во голем број.

„Имавме среќа што ни се падна да играме во Минхен бидејќи во тој дел од Германија има многу наши Македонци. Се надевам ќе имаме многу публика и силна поддршка, што сигурно ќе биде голем плус за нас“ – вели Филип Талески.

СП 2019 во Германија и во Данска ќе се одржи од 10 до 27 јануари.

Се вчитува...