Манчестер сити вчера беше прогласен за виновен по 114 од 115 точки од обвиненијата за прекршување од финансискиот ферплеј од страна на Независна комисија на Премиер лигата, а британскиот јавен сервис Би-би-си, детално ја открива шемата со која челниците на „граѓаните“ ги правеле малверзациите.
Независната комисија на Премиер лигата открила дека сопствениците на Манчестер сити, уште од сезоната 2009/10 знаеле дека ќе дојде до огромно надминување на трошоците доколку клубот сака да го достигне нивото кон кое се стремеле.
Како резултат на тоа, се наведува во одлуката, „граѓаните“ пронашле начин да ги зголемати приходите од спонзорства и тоа од сезона во сезона во наредните девет години.
Извештајот открива како сопствениците на клубот вештачки ја надувале вредноста на тие договори.
Шемата на „прикривање на финансирањето“ е клучна за низата обвиненија по кои Премиер лигата го прогласи Манчестер Сити за виновен. Со таквата шема, клубот успеал да прикрие повеќе од 830 милиони фунти во средства од спонзорства, додека со други механизми сокриле трошоци во висина од 90 милиони фунти.
Во текстот Би-би-си ги открива клучните моменти.
Манчестер сити доби нови сопственици во 2008 година, тоа е инвестициски фонд кој е под надлежност на емирот на Обединетите Арапски Емирати, а веќе од следната сезона им било јасно каква била финансиската слика на клубот.
Сопствениците имале големи амбиции, не сакале клубот да биде само конкурентен туку сакале да победуваат и ги сакале најдобрите фудбалери, а тоа не било возможно без дополнително трошење на пари.
Иако предвидувањата биле дека за сезоната 2009/10 Манчестер сити ќе го надмине рекордот за најголеми загуби во Премиер лигата во една сезона (негативниот рекорд го држел Челси со 140 милиони фунти загуби во 2006 година), новите сопственици одлучиле дека не смее да се собори негативниот рекорд.
Згора на тоа биле свесни дека клубот би работел со загуби и во наредните пет години и единствен начин да се реши тој проблем бил зголемувањето на приходите од комерцијални договори.
Фиктивни договори и шема за прикриено финансирање
На почетокот на 2010 година, Манчестер Сити ги презеде првите чекори за обезбедување дополнителни средства за клубот. Клубот склучи договори за спонзорство со рекордни износи, кои беа значително повисоки од нивната реална пазарна вредност.
Во одлуката ова се опишува како „шема за прикриено финансирање“.
Според одлуката, таа функционирала на следниов начин.
Договорите за спонзорство биле поделени на два дела: основен надомест и дополнителен одреден износ. Спонзорите го плаќале основниот надомест, а сопствениците на клубот го плаќале дополнителниот одреден износ.
Со други зборови, спонзорите не морале да ја плаќаат целосната вредност на договорите. Најголемиот дел го плаќале сопствениците на клубот, со што им се овозможувало да инвестираат во играчи.
Во документот се наведува дека ова „создавало погрешен впечаток во финансиските извештаи и во сите задолжителни документи за финансиски ферплеј наменети за трети страни (вклучително и регулаторни тела и ревизори), дека комерцијалните приходи на клубот од договорите за спонзорство биле многу повисоки од тоа што го претставувале во јавноста и на ревизорите.
Одвреме-навреме, шемата за прикриено финансирање се менувала за да се „помогне во дополнително прикривање“ и да се намали сомнежот.
Така приходите од спонзорските договори во периодот од сезоната 2009/10 до 2017/18 година изнесувале вкупно 949,94 милиони фунти. Во одлуката било наведено дека само 119,25 милиони фунти се однесувале на основните надоместоци.
Останатите 830,69 милиони фунти се однесувале на дополнителни, посебно назначени износи и тоа биле средства кои ги исплатиле сопствениците на клубот.
Од клубот ги негираа ваквите тврдења и сметаат дека Премиер лигата погрешно ги толкувала спонзорските договори.
Но, Комисијата во извештајот навела дека таквото тврдење на Манчестер сити е невистинито.
Како пример како функционирала шемата за прикриено финансирање е земена 2013 година кога клубот го „покрил“ минусот.
Имено, на помалку од седум дена пред крајот на финансиската година 2012/13, во Манчестер сити знаеле дека им недостасувале 9.9 милиони фунти за да го поминат финансискиот ферплеј на УЕФА.
За само неколку дена без спонзорите да бидат контактирани, биле изработени „ревидирани“ спонзорски договори со кои биле зголемени надоместоците за да се исплатат бонуси за настани кои веќе се одиграни како и трошоци за турнеите во САД.
Приказната за Манчестер Сити и 115-те обвиненија
Во 2012 година, Манчестер Сити го започнал проектот наречен „Лонгбоу“.
Во одлуката на Комисијата се наведува дека многу делови од проектот „Лонгбоу“ биле автентични и претставувале легитимни обиди за постигнување на целите за зголемување на приходите и намалување на оперативните загуби.
Сепак, според одлуката, еден дел не бил автентичен: аранжманот со компанијата „Фордам“.
Ова вклучувало договор меѓу Сити и трета страна – компанијата „Фордам“ која, според одлуката, била „малку повеќе од фиктивна компанија“.
Средствата од сопственикот на клубот „биле искористени за да му се овозможи на „Фордам“ да ги откупи од клубот по вештачки зголемена цена, правата на клубот на финансиската корист од правата на користење на имиџот на фудбалерите.
Ова „му овозможило на клубот да прикаже дека овие средства претставуваат комерцијален приход“. Во финансиските извештаи, 24.5 милиони фунти биле погрешно заведени како комерцијален приход, додека 49.414 милиони фунти биле погрешно изоставени од оперативните расходи.
Друг начин на кој клубот се обидел да ги почитува финансиските правила бил преку префрлање на скапите договори на играчите и менаџерите надвор од официјалните финансиски евиденции. Ова се правело така што надоместоците, односно исплатите се вршеле преку трети страни. Всушност, сопствениците биле тие што ги исплаќале парите.
Ова било „заведено како договор за консултантски услуги“, со што се „прикривал вистинскиот обем на обврските на клубот“.
Со ваквите постапки, челниците на Манчестер сити ги заобиколувале правилата на Премиер лигата, а во исто време се обидувале да ја попречуваат истрагата, пишува Би-би-си.
Со ова се поврзани три одделни случаи, при што сите имиња се отстранети од документот. Тие може да бидат обелоденети откако ќе се објават целосните писмени образложенија за одлуката.
Клубот доставил изјави од сведоци или документарни докази од 24 поединци, од кои повеќето сведочеа на сослушувањето.
Понатаму се додава дека одредени сведоци дале искази „за кои знаеле дека се невистинити и, притоа, постапиле нечесно“. Во одлуката исто така се наведува дека Манчестер сити“ знаел оти неговите годишни финансиски извештаи „не даваат вистинска и фер слика за финансиската состојба“.
Еве како финансиските извештаи на клубот за сезоните од 2009/10 до 2017/18 не ја прикажувале вистинската слика за финансиската состојба на Манчестер сити:
Спонзорства
– Приходите се преценети за повеќе од 830 милиони фунти
– Договори и права на ликот
– Погрешно изоставени трошоци во износ од 8,866 милиони фунти
– Погрешно изоставени трошоци во износ од 7,4 милиони фунти
– Погрешно изоставени трошоци во износ од 0,5 милиони фунти
Аранжман со „Фордам“
– 24,5 милиони фунти погрешно евидентирани како оперативен приход
– Погрешно изоставени трошоци во вкупен износ од 49,414 милиони фунти
– Вкупно: 920,68 милиони фунти
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
