Фирмино го реши Тотенхем, Ливерпул пак е лидер во Премиер-лигата

Ливерпул во фантастичен натпревар славеше над Тотенхем со 2-1, стигнувајќи до три бода со кои „црвените“ се искачија осамени на врвот на премиерлигашката табела. Роберто Фирмино беше херојот на актуелниот првак, постигнувајќи го победничкиот гол во 90. минута, воедно и прекинувајќи ја серијата од 11 средби без пораз на Тотенхем.

„Црвените“ стартуваа одлично, се редеа шанси во шеснаесетникот на Љорис, за Салах со мала помош на Дајер да го доведе тимот на Јирген Клоп во заслужено водство. Тотенхем израмни со првата акција во противничката половина, Сон за милиметри избегна офсајд и го матираше Алисон Бекер.

„Спарси“ изненадија со одличен настап на почетокот од второто полувреме, кога создадоа неколку одлични шанси, Бергвајн го погоди дирекот, Кејн од пет метри шутираше над гредата, за Ливерпул потоа повторно да преземе контрола над средината од теренот. И кога се чинеше дека дуелот ќе заврши со поделба на пленот, Фирмино одлично се снајде по корнерот од левата страна, со прецизен удар со глава предизвикувајќи еуфорија меѓу оние 2.000 среќници кои се најдоа вечерва на трибините на „Енфилд“.

Ливерпул со победата сега има 28 бода, Тотенхем остана на 25, а зад „спарси“ на табелата следат Саутемптон и Лестер со по 24, Евертон со 23, Челси со 22…

Се вчитува...