ФК Работнички со приговор до Пилешков: Скандалозно судење, бараме постапка против него!

ФК Работнички на својот ФБ профил сподели соопштение во кое се бара реакција од ФФМ, откако го обелоденија огромното незадоволство од како што велат од клубот – катастрофалното судење на главниот судија Димитар Пилешков.

Овој скандал се случи на натпреварот против Академија Пандев, кој се одигра во рамки од второто коло од Првата македонска фудбалска лига.

Соопштението на Работнички ви го пренесуваме во целост:

„Работнички изразува огромно незадоволство од катастрофалното судење на главниот судија Димитар Пилешков кој драстично го оштети нашиот тим на вчерашниот првенствен натпревар против Академија Пандев. Тој не досуди два очигледни пенали за Работнички во првото полувреме и на тој начин директно влијаеше на крајниот резултат на мечот. Во 38.минута, судијата Димитар Пилешков не покажа на белата точка при очигледна игра со рака на гостински играч во сопствениот шеснаесетник. Во 39.минута, судијата Димитар Пилешков не досуди пенал и при очигледен прекршок над Филип Бошковски во противничкиот шеснаесетник.

Потврда за тоа стигна и од стручната комисија на ФФМ, која признава дека Димитар Пилешков имаше кардинални грешки на штета на ФК Работнички. Ако не се досудат два очигледни пенали во период од две минути, кога нашиот тим се обидува да се врати од резултатска негатива, недвосмислено се наметнува и дилемата дали се во прашање смислени и намерни грешки на судијата Пилешков.

Неговото катастрофално судење имаше можност да го види целокупната фудбалска и спортска јавност преку ТВ преносот од натпреварот. ФК Работнички жестоко реагира на скандалозната арбитража на Димитар Пилешков и бара од Фудбалската федерација на Македонија да поведе постапка против судијата, но и да го заштити интегритетот на натпреварувањето.

Фудбалскиот клуб Работнички не сака и не смее да биде заложник на поединци, а не сака воопшто да верува дека сето ова има и поголема смислена позадина, и бара од ФФМ максимална заштита од судиски кадри кои не се кадарни и достојни да бидат дел од прволигашката елита.

Нема да дозволиме никој да си игра со реномето на ФК Работнички и со скандалозни судиски одлуки и грешки да го уништува сето она она што клубот го градел со децении инвестирајќи во генерации фудбалски имиња како и инвестирајќи во иднината на македонскиот фудбал“.

Судиската комисија на Фудбалската федерација на Македонија ги разгледа спорните одлуки од овој натпревар и констатираше дека Работнички не доби два пенали“.

 

Се вчитува...