Флорентино бара тренер – Раул ќе почека

Зинедин Зидан категорично ја отфрли можноста да си поднесе оставка од тренерското место во Реал Мадрид, но деновите на францускиот стручњак на клупата на „кралевите“ делуваат избројани. Реал игра очајно, викендов загуби на домашен терен од Алавес, а синоќа беше поразен и од Шахтјор, со што си ја искомпликува и ситуацијата за пласман во осминафиналето од Лигата на шампионите.

Светлото за аларм е веќе запалено, а Флорентино Перез ја почнал потрагата по нов стратег што би дошол при првиот нареден „кикс“ на Зидан. Многумина сметаа дека клупската легенда Раул Гонзалес е главен фаворит во оваа трка, но Флорентино во изминатиот месец го променил својот став, па сега бара искусен стручњак кому нема да му биде потребно време за адаптација и наметнување на авторитетот.

Според весникот „Марка“, „пик број еден„ на првиот човек на Реал е Маурицио Покетино. Флорентино го бараше Покетино уште пред две години, но тогаш Аргентинецот беше под договор со Тотенхем, а лондонскиот клуб не ни помислуваше да го пушти да се пресели во Мадрид. Сепак, тој половина година подоцна доби отказ во Тотенхем и оттогаш е без ангажман, па без размислување би прифатил да работи во најтрофејниот клуб во Европа.

Зидан веќе в сабота го очекува гостување во Севилја, меч на кој евентуален пораз ќе значи и негов дефинитивен отказ. Веднаш потоа за „кралевите“ следи и клучниот меч од Лигата на Шампионите, на домашен терен против Борусија Менхенгладбах.

Се вчитува...