Флорентино Перез го губи трпението, Анчелоти ќе добие отказ од Реал Мадрид

Карло Анчелоти ја завршува последната сезона на клупата на Реал Мадрид, откако раководството на „кралскиот клуб“ ја почна потрагата по нов тренер што летово би пристигнал на „Сантијаго Бернабеу“.

Анчелоти минатата сезона беше херој на Реал, откако со тимот што го имаше на располагање најпрвин ја осигура титулата во Ла Лига, а потоа приреди и сензација кревајќи го пехарот во Лигата на Шампионите, притоа елиминирајќи ги ПСЖ, Челси, Манчестер Сити и Ливерпул.

На „бајката“ сепак и дојде крајот сезонава, откако Реал има огромно заостанување зад Барса во трката за титулата во Ла Лига, има негатива од 0-1 во меѓусебниот двомеч во полуфиналето од Копа дел реј, а како светла точка останува само победата над Ливерпул во осминафиналето од ЛШ.

Шпанските медиуми пишуваат дека атмосферата е далеку од мирна, фудбалерите не се задоволни од честите ротации на тренерот, исто како и претседателот Флорентино Перез, кој не крие дека ја разгледува опцијата за тренерска смена доколку ситуацијата драматично не се промени. Анчелоти има договор до јуни 2024 година, но би можел да си замине летово, кога како опција ќе го има и селекторското место во Бразил, откако „кариоките“ неодамна ангажираа само привремен кормилар на националниот тим.

Се вчитува...