Јапонската фудбалска репрезентација одлучи да ја напушти својата привремена база во Мексико и да се пресели во Соединетите Американски Држави откако условите за тренинг не ги исполнија високите стандарди што ги очекува една од најорганизираните федерации во светот.
Самураите ги започнаа подготовките за Светското првенство во Монтереј , каде што тренираа во кампот на мексиканските гиганти Тигрес. Сепак, по првите тренинзи, стана јасно дека нешто не е во ред. Главниот терен беше нерамен, полн со флеки и површини без трева, што предизвика загриженост за можни повреди на играчите.
Фотографиите од теренот брзо се проширија на социјалните мрежи, предизвикувајќи бран критики меѓу навивачите и мексиканската јавност. Јапонија брзо ги промени своите планови, прво привремено преместувајќи ги тренинзите на друга локација во Монтереј, пред конечно да се пресели во Соединетите Американски Држави.
Според претходно договорениот план, официјалната база на јапонската репрезентација за време на Светското првенство е во Нешвил, Тенеси. Таму, тимот ќе ги продолжи последните подготовки за натпреварите од Групата Ф, во кои ќе се соочат со Холандија, Тунис и Шведска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
