Француски фудбалски „оскари“: Награди за Кавани, Мбапе, Канте…

Монако очекувано доминираше на вечерашното доделување на „француските фудбалски оскари“, на кои вообичаено се даваат награди на оние кои ја одбележале сезоната во оваа европска земја. „Кнезовите“, кои стигнуваат до титулата на супериорен начин, освоија неколку награди, но онаа најважната – за најдобар играч во Лига 1 во сезоната 2016/2017 заврши во рацете на Единсон Кавани. Иако неговиот тим не ја одбрани титулата, Кавани дојде до признанието благодарение на фантастичните игри и 35-те постигнати погодоци во францускиот шампионат.

Тој на листата на освојувачи на оваа награда го наследи својот поранешен соиграч Златан Ибрахимовиќ, откако доби повеќе гласови од Бернардо Силва од Монако, Александр Лаказет од Лион и Марко Верати од ПСЖ.

Килијан Мбапе сосема очекувано ја доби наградата за најдобар млад фудбалер во Франција, Даниел Субашиќ беше избран за најдобар голман, додека Леонардо Жардим е добитник на признанието за најдобар тренер во сезоната.

Воедно, „кнезовите“ имаат и шест играчи во „тимот на сезоната“ во Франција, и тоа Субашиќ, Сидибе, Глик, Менди, Силва и Мбапе, на кои друштво им прават Тијаго Силва, Верати и Кавани од ПСЖ, Лаказет од Лион и Сери од Ница.

Ново признание во својата кариера доби и Нголо Канте, кој беше избран за најдобар француски фудбалер што настапува во странство, добивајќи повеќе гласови од Антоан Гризман, Карим Бензема и Усман Дембеле.

Се вчитува...