Фудбалерите бесни: Барса има пари за мегатрансфери, но не и за плати

Се поголем е раздорот меѓу фудбалерите и челниците на Барселона, откако каталонскиот гигант побара од сите спортски секции да прифатат сериозно намалување на платите.

Кошаркарите предводени од Никола Миротиќ ги прифатиле понудените услови, но многу потешко одат разговорите со членовите на фудбалската екипа. Лионел Меси и соиграчите еднаш веќе ја одбија понудата на управата, а ниту новите разговори не вродија со голем плод.

ЕСПН тврди дека причината за бавните преговори е во разочараноста на фудбалерите од креаторите на клупската политика.

„На фудбалерите им е јасно дека ќе мора да земаат помали плати во период кога спортот е целосно запрен. Сепак, за нив е навредливо што клубот излегува со предлог за драстично намалување жалејќи се на опасност од колапс, а истовремено се преговара за нови мегатрансфери. Тоа е причината поради која нема договор, а не себичноста на играчите“, открива ЕСПН повикувајќи се на извори од играчкиот кадар на каталонскиот гигант.

Барса за летниот преоден рок подготвува понуда од најмалку 150 милиони евра за Нејмар, покрај тоа ќе плати и 110 милиони евра за да ја активира клаузулата на Лаутаро Мартинез. Во услови кога секојдневно се пишува и за продажба на дел од првотимците како „жртвување“ за да се реализираат овие два мегатрансфери, разбирлив е бесот кај дел од нив, кои сега одбиваат да ги прифатат понудените услови од раководството на Барселона.

Се вчитува...