Зимскиот трансфер период се очекува да биде еден од поинтересните во последните неколку години, бидејќи има поголем број квалитетни фудбалери кои се слободни агенти или на излезна врата од своите клубови.
На врвот на листата се наоѓа шведскиот интернационалец Златан Ибрахимовиќ кој ја заврши „одисејата“ во МЛС лигата во таборот на ЛА Галакси. Неговото име се поврзува со многу европски гиганти, а на врвот на листата е италијанскиот Милан, тим во кој своевремено настапуваше популарниот Ибра.
Кристијан Ериксен е на излезна врата од Тотенхем, а најсериозен кандидат за неговите услуги е Реал Мадрид. „Кралевите“ се подготвени да издвојат голема сума на пари за Данецот, а добрата соработка во минатото со клубот од Лондон е една од главните причини за негова преселба на „Сантијаго Бернабеу“.
Норвешкото чудо од дете Ерлинг Халанд ја воодушеви европската јавност со своите партии кои ги прикажува во австрискиот Ред Бул Салцбург. Најголем кандидат за неговиот потпис е Манчестер Јунајтед, во кој менаџер е неговиот сонародник Оле Гунар Солскјер.
На листата е и Единсон Кавани, кој со доаѓањето на Мауро Икарди во Пари Сен Жермен, го изгуби статусот на првотимец во клубот. Уругваецот се поврзува со премин во Атлетико Мадрид. Фудбалери кои зимава може да ја променат средината се и Оливие Жиру, Артуро Видал, Брахим Дијаз и Томас Лемар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА