Гатузо: Милан е фудбалски рај, тимот мора да победува

Џенаро Гатузо не го крие задоволството за добиената шанса да биде тренер на Милан, тимот во кој ги мина најдобрите моменти во својата играчка кариера. Како фудбалер важеше за голем борец, а сега се очекува Гатузо таквиот пристап да го пренесе и врз своите избраници, откако „росонерите“ играат крајно променливо цела сезона, за по ремито со Торино да паднат на седмата позиција на табелата, со 14 бода заостанување зад третопласираниот Јувентус.

Да се биде повторно во Милан е прекрасно чувство, за мене овој клуб е фудбалски рај, но тимот мора да победува. Прва работа што треба да ја направам е да создадам силен колектив, сите да играат еден за друг, да се борат за секоја топка. Нема да биде лесно, во Милан има играчи од различни земји на возраст од околу 21 година, им треба време да се адаптираат. Сепак, верувам дека ќе успеам во зацртаната цел – да го вратам победничкиот дух во мојот клуб. Од тактички аспект можам да кажам дека ќе останам на формацијата со тројца во одбраната и четири играчи во средниот ред, а за изгледот на нападот ќе треба дополнително да размислам, по тренинзите во следниот период“ – изјави Гатузо.

Леонардо Бонучи е жестоко критикуван за слабите игри по трансферот од Јувентус, но Гатузо има огромна доверба во искусниот дефанзивец.

Бонучи останува и мој капитен. Тој е добар играч и роден лидер, ќе биде од огромна помош за да го вратиме Милан на поскауваните патеки“ – истакна стратегот на „росонерите“.

Се вчитува...