Гатузо се „тресе“ од отказ и се заканува со карантин

Џенаро Гатузо никако не успева да најде излез од големата криза на Наполи, а со секој следен натпревар се зголемува опасноста тој да добие отказ од клупата на вицешампионот на Италија. Во прилог не му оди ниту распоредот, со оглед на фактот дека Наполи го очекува дуел во Купот на Италија против Лацио, по што во дербито на Серија А ќе го пречека шампионот Јувентус.

Гатузо е свесен дека два порази на овие две средби сериозно би му го разнишале столчето, па веќе им се заканил на фудбалерите – во случај на неуспех против Лацио ќе мора повторно да се вратат во карантин. Во ситуација кога тимот е во губитничка серија и атмосферата е на најниско можно ниво, собир во карантин е нешто што никој од играчите не го посакува, но тешко е да се поверува дека ваквата закана од шефот на стручниот штаб ќе послужи како добра мотивација.

Односите во тимот се сериозно нарушени, Калјехон и Мертенс повеќе размислуваат за трансфер отколку за игрите за Наполи, а на заминување се подготвуваат и Алан и Кулибали. Лоботка и Деме не се калибар на играчи што можат да го разбудат заспаниот „џин“, па шансите Гатузо да успее да најде излез од големата криза реално се многу мали.

Елиф Елмас очигледно не е дел од плановите на новиот тренер, па не се исклучува ниту можноста на Македонецот да му биде дозволено да замине на позајмица некаде каде што би играл, особено доколку Де Лаурентис реши да го задржи Гатузо до крајот на сезонава.

Се вчитува...