Газда Сергеј го закопа ФК Вардар, сега дојде ред на ракометниот клуб

Ракометниот клуб Вардар е на добар пат да доживее целосен европски колапс, откако ЕХФ и официјално ги предупреди „црвено-црните“ дека нема да имаат право да учествуваат во Лигата на Шампионите доколку не се почне со подмирување на долговите на претходната управа. Депозитот од еден милион евра што мора да биде обезбеден во најскоро време е само почеток на проблемите, бидејќи тој ќе донесе зелено светло за настап сезонава, но и ќе означи признавање на долговите кои се многу повисоки од оваа сума што европската куќа на ракометот ја побара од македонскиот првак.

Проблемот е многу подлабок и многу посуштински, огромен е бројот на играчи, надополнети со тренери и технички персонал, кои низ годините си ги бараа парите од Сергеј Самсоненко, а добиваа само празни ветувања кои остануваа неисполнети. Видовме како Русинот без ронка срам и совест го турна низ амбисот ФК Вардар, клубот кој му донесе мултимилионска добивка со учеството во групната фаза од Лигата на Европа. И таму сите оние на кои им се должи се изнаслушаа изговори „не оваа среда, другиот петок… Следниот први ќе биде милион посто“, па не се случи речиси ништо, а Вардар заврши во Втората лига.

Сега дојде на ред и ракометниот клуб, каде според одредени непотврдени информации долгот е најмалку четири пати повисок од она што ЕХФ го бара како депозит летово. А доколку Вардар плати, тоа прифаќање на долговите ќе значи отворањето на пат за сите останати да почнат да си ги бараат парите по ист пат, и да ги добијат, бидејќи ги одработиле согласно договорите со „црвено-црните“. „Финтата“ на Михајловски со отворањето на нов колектив со додавка 1961 му успеа краткорочно на домашно ниво, но сите оние странци кои продефилираа низ Вардар јасно ставија до знаење дека правдата нема да ја бараат во Македонија, туку преку европската куќа на ракометот. Впрочем, „црвено-црните“ и требаше да не добијат ваучер за годинава, но на крајот сепак некако стигнаа до него откако потпишаа дека се подготвени да ги преземат долговите на претходниот правен субјект чии спортски успеси ги наследија (со самото тоа и учеството во елитното македонско ракометно друштво, преку него и пласманот во ЛШ).

Сега кога некаде имаат потпис дека ќе одговараат и за тие долгови, јасно е дека не можат да побегнат од одговорноста. Алибито наречено Сергеј Самсоненко веќе не е валидно, без разлика дали и колку тој ќе ги влече за нос со нови рокови, а тие ќе остануваат неми и ќе креваат раменици. Тој филм веќе го гледавме со ФК Вардар, и заврши со трагичен крај. По истиот пат сега оди и ракометниот клуб, кој што опасно се приближува до амбисот бидејќи го гледаме истото – сите ја префрлаат одговорноста кај другиот, а никој не сака да го плати тоа што се должи.

А една работа е јасна, ако сумата од еден милион евра не се депонира – РК Вардар 1961 ќе исчезне од мапата на ракометна Европа.

Се вчитува...